Заминаа без илузии во Шпанија, со планиран пораз, но ракометарите на Вардар про се враќаат со поголема самодоверба и подигната форма и игра, иако загубија со 35-28 во 6. коло од Д-групата на Лигата на шампионите.
Вардарци остануваат на претпоследното место во групата, со само 1 бод, исто колку и Амичитија, само со теоретски шанси за четвртото место, што е исто така тешко остварливо, па сега на скопјани им останува да се подготвуваат за домашното првенство и за дуелите со Металург. До февруари има пауза во ЛШ, а потоа се играат уште четири кола, во кои
Вардар про трипати гостува, кај Кил, Колдинг и Амичитија и еднаш е домаќин, со Адемар. Балансирано прво полувреме одиграа скопјани, не дозволувајќи му на противникот да се одлепи, користејќи ги своите шанси па дури и ситуации со играч помалку. Барселона играше без Рутенка, Онето и голманот Баруфет па мораше да одигра многу поангажирано да направи комотно водство.
Серијата од 7-0 во средината на второто полувреме им овозможи на Шпанците да имаат и десет гола предност (32-22). Играјќи со само четири играчи во поле, поради исклучувањата, "црвено-црните" рално не можеа да се одбранат. Тоа беше клучно за мирната завршница на мечот, каде крилото Томас имаше четири гола по ред.
Она што сигурно ќе го радува Вујовиќ е играта на Вардар про, каде немаше големи падови и осцилации како на другите мечеви. Многу од акциите завршуваа со реализација, а речиси сите топки "турнати" до пикерот Пешиќ, стигнуваа до него без проблем. Во отсуство на голманот Ангелов, добро бранеа Митревски и Даскаловски. Одбраната беше многу поагресивна, особено во првите 45 минути, не дозволувајќи им на бековите на Барселона да се расшутираат. Резултатот од Барселона ќе остане запишан, но ќе се памети и дека Вардар про не се посрамоти, туку беше рамноправен противник.
Барселона - Вардар про 35-28 (15-13)
Сала "Блауграна" во Барселона. Судии: Лаедерсон и Линдрос. Црвен картон: Пешиќ (Вардар) поради три исклучувања.
Барселона: Шариќ, Перез, Рочас 2, Игропуло 2, Гарабаја, Јернемир, Болдсен 1, Хуанин 6, Сармиенто 2, Ромеро 4, Хансен 5, Наѓ 1, Томас 8, Нодесбо 4. Исклучувања: 6 мин.
Вардар: Митревски, Ангелов, Даскаловски, Пешиќ 6, Ангеловски 2, Јовчевски 2, Алушовски 2, \орѓевиќ 4, В. Маркоски, Симовиќ 1, Н. Маркоски 1, Пецаковски 6, Макалоски 3. Вукчевиќ. Исклучувања: 16 мин.