Дури во четвртото коло од Д групата на ракометната Лига на шампионите, Вардар про ги освои првите бодови, играјќи нерешено, 22-22, со швајцарскиот првак Амичитија.
Имаше шанса Вардар про дури и да победи, водство на полувреме од 14-10, неколку акции последните минути, но, не им овозможи радост на навивачите.
Сега шансите за пласман на четвотото место во Д групата се намалени, и сведени на теорија.
Израмнето се играше до последната третина на првото полувреме, а во следниот период македонскиот првак со серија од 3-0 на Борко Ѓорѓевиќ, Никола Маркоски и Крешимир Мараковиќ се погрижи за максимално водство на натпреварот од 14-9. Ударот на Маркус Хисер и овозможи на Амичитија на паузата да си замине со негатива од 10-14.
На почетокот од вториот дел по трите промашувања им се овозможи на гостите да се доближат до 13-14. Амичитија при негатива од 13-16 со серија од 5-0 прејде во водство од 18-16. Црната серија ја прекина Гоце Макалоски со прецизен седмерец, но противникот возврати со уште два погодоци за максимално водство на натпреварот од 20-17. Во најкритичниот период за нашиот седумкратен првак се истакна голманот Никола Митревски со осум одбрани во второто полувреме. Додека Митревски бранеше, Макалоски, Мараковиќ и Ѓорѓе Пешиќ со низа успешни обиди се погрижија за израмнување на 20-20, а атмосферата дополнително ја загреа првиот голман Петар Ангелов, бранејќи седмерец при истиот резултат.
На сцена стапи поранешниот јуниор на македонската репрезентација, Дејан Пецаковски, со два гола по ред за 21-20 и 22-21. Тоа беше се што можеа Скопјани да покажат, бидејќи по израмнувањето на Един Башиќ на 22-22 мрежите мируваа околу пет минути. Во тој период Пешиќ, промаши два зицери.
Вардар Про го имаше последниот напад, кој траеше 30 секунди, но не можеше да изгради позиција за добар удар.
ВАРДАР ПРО - АМИЧИТИЈА 22-22 (14-10)
Сала: „Борис Трајковски“. Судии: Чаба Кекеш и Пал Кекеш од Унгарија.
Вардар Про: Ангелов (8 одбрани, 1 сед.), Митревски (8 од.), Даскаловски, Пешиќ (4/9), Мараковиќ (3/4), Пецаковски (2/2), Макалоски (3/4), Ангеловски, Симовиќ (2/4), Вукчевиќ, Н.Маркоски (2/2), Јовчевски, Мојсоски (1/2), Алушовски (1/6), Ѓорѓевиќ (4/6), В.Маркоски. Тренер: Ацо Станковски.
Седмерци: 2/3.
Исклучувања: 8 мин.
Амичитија: Јаскевичиус (18 одбрани), Фелман, Керн, Егер, Хес 3, Бринголф, Башиќ 4, Вукелиќ 2, Хисер 4, Звајлен, Курбалија 2, Берендс 7, Грим, Кристјансон. Тренер: Љубомир Звајлен.
Седмерци: 1/2
Исклучувања: 6 мин.